Првата исплата би требало да биде во декември, но се уште е отворено прашањето околу финансиите
Швајцарските пензионери наскоро за прв пат ќе ја добијат својата 13-та пензија, откако граѓаните на референдумот во март 2024 година ја поддржаа оваа мерка со 58,2 отсто од гласовите.
Првата исплата од швајцарскиот систем за старосно и семејно осигурување (AHV) е закажана за 1 декември 2026 година.
Сепак, прашањето за начинот на финансирање на оваа дополнителна пензија се сè уште предизвикува голем број полемики во јавноста.
Потребни се милијарди франци годишно
Според проценките на швајцарскиот Сојузен завод за социјално осигурување (BSV), 13-тата пензија на почетокот ќе чини околу 4 милијарди швајцарски франци (околу 4,3 милијарди евра) годишно, со тенденција овој трошок долгорочно да порасне на 5 милијарди франци (околу 5,4 милијарди евра).
За да се обезбедат потребните средства, швајцарскиот парламент предложи зголемување на стапката на ДДВ од 8,1 на 8,5 отсто, што би требало да стапи на сила во 2028 година. Граѓаните на Швајцарија за овој предлог ќе одлучуваат на ново гласање закажано за 29 ноември 2026 година. Анкетите покажуваат неизвесност: 49 отсто од испитаниците се противат на зголемувањето на ДДВ-то, 46 отсто го поддржуваат, додека 5 отсто сè уште се неодлучни.
Некои од овие пензионери сакаат да ја донираат својата 13. пензија?!
Фондацијата Fondation Chance 13 излезе со иницијатива во која ги повикува поимотните пензионери да се одречат од оваа дополнителна исплата и средствата да ги насочат во хуманитарни цели – како што се борбата против сиромаштијата во староста и образованието на децата и младите. Според проценките на фондацијата, дури четвртина од швајцарските пензионери би можеле да се откажат од овој износ, со што би се собрале околу една милијарда франци за решавање на значајни општествени проблеми.
Што мислите вие? Дали и во Македонија треба да се воведе слична мерка?
Гледајќи ги овие светски практики, со право се поставува прашањето – дали и во Македонија треба да се воведе слична мерка, па на крајот од годината на пензионерите да им се исплаќа уште една, барем минимална пензија како вид на божиќен или годишен бонус кој ќе им ја олесни есента и зимските празници на оваа група на граѓани во нашата земја?
Дали македонските пензионери заслужуваат 13-та пензија и како би можело тоа да се изведе кај нас?

