Илјадници луѓе се собраа на стадионот „Пољуд“ во Сплит за последен пат да го поздрават легендарниот хрватски пејач Мишо Ковач. На трибините се пееја неговите најголеми хитови, а публиката со запалени светла од мобилните телефони и навивачки транспаренти му оддаде почит на музичарот чии песни одбележаа повеќе генерации.
За испраќањето беа поделени 34.000 бесплатни билети. Многумина пристигнаа со маички со ликот на Ковач, фотографии и шалови на фудбалскиот клуб „Хајдук“, со кој пејачот беше силно поврзан.
На трибините навивачката група „Торцида“ разви голем транспарент посветен на Ковач и запали факели, додека стадионот заедно ја пееше неговата песна „Сите пеат, јас не слушам“ (Svi pjevaju, ja ne čujem).
Музичката програма почна околу 17:30 часот, а меѓу пејачите кои учествуваа во испраќањето се Младен Грдовиќ, Дражен Зечиќ, Џулијано, Јошко Чагаљ-Јоле, Ален Нижетиќ и клапата „Ришпет“.
Меѓу присутните беше и сопругата на пејачот, Лидија Ковач, која на стадионот пристигна со очила за сонце какви што носеше Мишо. На крајот на церемонијата возилото со ковчегот на Ковач направи круг околу фудбалскиот терен, по што погребната поворка ќе продолжи низ Далмација, преку Шибеник и Задар, кон Загреб.
Мишо Ковач ќе биде погребан на загрепските гробишта „Мирогој“, во кругот на семејството, покрај неговиот син Еди. Во Хрватска денеска е прогласен Ден на национална жалост по повод смртта на еден од најпопуларните пејачи во историјата на хрватската забавна музика.
Легендарниот хрватски пејач почина на 31 октомври 2026, на 85 години, во својот дом во Сплит. Роден е на 16 јули 1941 во Шибеник, а во својата повеќедецениска кариера продаде повеќе од 20 милиони плочи. Со пеење почнал на 16 години, а во 1964 потпишал договор со „Југотон“. Во 1971 победи на Сплитскиот фестивал, по што стана еден од најпопуларните пејачи во поранешна Југославија. Неговиот живот го одбележа и голема семејна трагедија, кога во 1992 почина неговиот 16-годишен син Еди. Неговата ќерка Ивана Ковач е популарна пејачка во Хрватска, и најави концерти со преработки на песните од татко ѝ.

