Во недела православните христијани го слават Свети Димитриј Солунски, ден познат како Митровден, празник посветен на великиот христијански воин и заштитник од злото.
Освен црковното значење, овој ден е обвиткан со народни верувања поврзани за предвидување на зимата, но и за тоа како да се внесе благослов во домот.
Се верува дека токму вечерва, сите големи работи мора да се завршат до полноќ – од договори и плаќања, до чистење и средување на домот, за да ја привлечеме среќата во текот на целата година.
Домот треба да биде чист и уреден, со запалена свеќа или кандило пред иконата на светителот, а семејството да се собере на заедничка вечера со молитва за заштита.
Се привршуваат подготовките за утрешната слава со погача и со жито. Не се оставаат недовршени обврски, така велеле нашите прапрабаби.
Се верува дека за спокојство во домот вечерта пред Митровден не треба да се излегува без причина од дома и не треба да се ноќева надвор од домот (освен ако не мора), за да не се помине цела година во туѓи домови.
Оваа вечер, исто така, не треба да се караат децата, колку и да згрешиле, зашто се верува дека така ќе останат мирни и благословени во текот на целата зима.
Избегнувајте кавги, пцуење и тешки зборови воопшто, бидејќи Митровден е ден за помирување и благослов, а лошата енергија од вечерва може да се пренесе низ целата година.

