На овој ден треба да се негува слогата, да се избегнуваат кавгите и да се направи добро дело, бидејќи според верувањето секое доброчинство повеќекратно се враќа.
Македонската православна црква заедно со верниците денес, 13 ноември, ги слави Светите апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј и Аристовул, едни од Седумдесеттемина „мали апостоли“ кои го проповедале Евангелието и го ширеле христијанството.
Овој ден во православниот календар важи за еден од потажните празници поради големите маки и страдања што овие светители ги поднеле за верата Христова, но воедно претставува и силен потсетник за моќта на милосрдието, простувањето и чистата молитва.
Свети Стахиј му бил верен помошник на Свети Андреј Првоповикан, кој го поставил за прв епископ во Византија.
Ја устроил Црквата во Аргиропол и со своето стадо управувал верно и ревносно. Важел за исклучително добар и праведен човек и голем говорник кој многумина преобратил во христијанството. По седумнаесет години епископство, мирно се упокоил во Господ.
Светите Амплиј и Урван исто така соработувале со Свети Андреј и од него биле поставени за епископи – Амплиј во Лида (Диоспол Јудејски), а Урван токму тука, во Македонија. Бидејќи ги уривале идолите и храбро го проповедале Евангелието, го навлекле гневот на многубошците, поради што обајцата пострадале маченички за Господ Исус Христос.
Свети Наркис бил поставен од апостолот Филип за епископ во Атина, каде што поради верата бил мачен и убиен.
Свети Апелиј служел како епископ во Ираклија Тракиска и по долг и богоугоден живот се упокоил во длабока старост.
Свети Аристовул, братот на апостол Варнава, ја проповедал Христовата вера дури во далечната Британија, каде и мирно го завршил својот овоземен пат.
Народни верувања и обичаи
Во народот постои верување дека на денот на овие светители особено треба да се негуваат слогата, благоста и убавиот збор.
Бидејќи Свети Стахиј бил познат по својата добрина и благи беседи, постарите велат дека денес никако не чини да се влегува во кавги, да се изговараат тешки зборови ниту да се држи лутина кон ближните.
Се верува дека денешниот ден е идеален за помирување со оние со кои сте во кавга, бидејќи мирот склучен на овој празник ќе биде искрен и долготраен. Исто така, обичајот налага денес да се направи некое добро дело или да му се помогне некому во неволја, макар и со топол збор или совет, оти секое доброчинство повеќекратно му се враќа на домот.
Сите кои денес ќе се најдат во неволја или пред тешка животна одлука, треба искрено и со чисто срце да им се обратат на овие апостоли со оваа кратка молитва: „Апостоли свети, молете Го Милостивиот Бог, да им подари простување на гревовите на нашите души.“

