Славиме голем празник – Стари обичаи што треба да ги испочитуваме денес

Верниците ги слават Светите 33 маченици во Мелитина и Преподобен Лазар Галасиски

Македонската православна црква и верниците денес (20 ноември по нов, односно 7 ноември по стар стил) го одбележуваат споменот на Светите 33 маченици во Мелитина, предводени од Свети Јерон, како и на Преподобен Лазар Галасиски – светци чија приказна сведочи за неизмерна синовска љубов, вера и пожртвуваност.

Денеска православните верници празнуваат два значајни празници – споменот на Светиот маченик Јерон и неговата дружина (33 маченици во Мелитина), како и на Преподобен Лазар Галасиски.

Не сакал да ја остави својата слепа мајка

Според црковното предание, Свети Јерон бил роден во кападокискиот град Тијана од добра и благочестива мајка Стратоника, која била слепа. Јерон со огромна синовска љубов се грижел за неа и бил мошне ревносен христијанин. Токму од тие две причини – затоа што не сакал да ја остави својата беспомошна слепа мајка сама, но и затоа што не сакал како војник да биде принуден да им принесува жртви на идолите – тој одбил да оди во војска и ги избркал оние што дошле да го земат.

Сепак, набрзо бил фатен и заедно со уште 32 христијани бил одведен пред кнезот во градот Мелитина.

На патот кон градот, една ноќ на сон му се јавил човек во бела облека и му рекол: „Еве, Јероне, ти јавувам за спасението: нема да војуваш за земниот цар, туку наскоро ќе извршиш подвиг за Царот небесен и кај Него ќе преминеш и од Него ќе примиш слава и чест“.

Исполнет со радост, Јерон ги храбрел и останатите затвореници да останат цврсти во верата. Откако пред кнезот сите едногласно ја исповедале својата вера во Христа (освен неговиот роднина Виктор кој се откажал), на Јерон му ја отсекле раката, а потоа заедно со сите останати бил погубен со меч во 298 година. Одејќи на губилиште, тие триесет и тројца маченици го пееја псалмот: „Блажени се непорочните што одат по патот на законот Господов.“

Да ги спомнеме по име и овие чесни маченици чиишто имиња се запишани во Книгата на Животот: Исихиј, Никандар, Атанасиј, Мамант, Варахиј, Калиник, Теоген, Никон, Лонгин, Теодор, Валериј, Ксант, Теодул, Калимах, Евгениј, Теодох, Острихиј, Епифаниј, Максимијан, Дулкитиј, Клавдијан, Теофил, Гигантиј, Доротеј, Теодор, Кастрихиј, Аникит, Темелиј, Евтихиј, Иларион, Лиодот и Амонит.

Народни верувања

Според старите народни верувања, на денешен ден никако не треба да се шие, крпи или работи со игла, бидејќи се верува дека тоа носи малер и несреќа во домот, додека пак се препорачува да се среди и исчисти куќата. Исто така, според обичајот, денес се пали свеќа за здравје и благосостојба на семејството, а верниците изговараат молитва.

(Напомена: Бидејќи денешниот празник паѓа во петок, според црковниот календар верниците денес постат на вода).