Министерството за внатрешни работи излезе со официјални информации за случајот со 38-годишниот маж кој утрово беше пронајден мртов на скопската обиколница „Мајка Тереза“, во близина на селото Смилковци.
Според полицијата, станува збор за Ш.Е. (38) од скопското село Љубин, а во близина на неговото тело бил пронајден автомобил „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, кој претходно го управувал.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во 06:15 часот, по што полициски службеници веднаш излегле на местото на настанот.
„На 21.11.2026 во 06:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на обиколница „Мајка Тереза“ во близина на с. Смилковци, скопско пронајдено е лице без знаци на живот. Веднаш по пријавата полициски службеници од СВР Скопје се упатени на лице место, при што е утврдено дека лицето е Ш.Е.(38) од с. Љубин, скопско“, информираат од МВР.
На местото пристигнала и екипа на Итната медицинска помош, која констатирала смрт. При прегледот на телото била забележана прострелна повреда во пределот на ногата.
„Извршен е увид од увидна екипа при СВР Скопје. По наредба на јавен обвинител телото на починатиот е предадено во Судска медицина за обдукција. Се преземаат мерки за целосно расчистување на кривично правниот настан“, соопштија од Министерството.
Засега не е утврдено како настанала прострелната повреда, ниту дали таа е непосредната причина за смртта на 38-годишникот.
Одговорите на овие прашања се очекуваат по обдукцијата и понатамошните истражни дејствија, додека полицијата продолжува со расчистување на случајот.

