МАКЕДОНИЈА ТАГУВА: Почина истакнат спортски работник

На 83-годишна возраст почина Димитар Антевски, долгогодишен професор по физичко и здравствено образование, кој остави значаен белег во образованието и спортот, придонесувајќи за развојот на многу генерации млади спортисти.

Антевски беше познат и ценет спортски работник во Куманово. Со својата стручност, посветеност и менторска работа помогна во создавањето бројни ракометари, ракометарки, кошаркари и други спортисти, оставајќи траен придонес во спортскиот живот на градот.

Покрај професионалниот ангажман во спортот, тој беше и истакнат педагог, кој на своите ученици им пренесуваше знаења за физичката култура, но и важни животни вредности како дисциплината, почитта и одговорноста.

Особено внимание посветуваше на воспитувањето на младите, редовно советувајќи ги, покрај спортските активности, да бидат добри ученици и да ги почитуваат постарите.

За долгогодишната работа и придонесот во спортот, Антевски доби бројни признанија на општинско и републичко ниво. Колегите, учениците и спортистите ќе го паметат како човек со голема несебичност и благородност, кој целиот свој професионален ангажман го посвети на спортот и младите во Куманово.

Веста за неговата смрт ја споделија и неговите колеги од ООУ „Браќа Миладиновци“, кои со тага и почит се простија од професорот, нагласувајќи го неговиот значаен придонес во работата на училиштето и во животот на градот.

„Професорот со својата работа и целокупен ангажман остави длабока трага во нашето училиште, нашиот град Куманово, за кој му благодариме и со почит ќе се сеќаваме за сѐ што остави зад себе со своето име и презиме“, се наведува во објавата на неговите колеги.

Погребот на Димитар Антевски ќе се одржи денеска, 27 октомври 2026 година, во 14 часот, на Градските гробишта во Куманово.