Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против четири лица осомничени дека заедно извршиле две разбојништва при кои со умисла биле лишени од живот две лица.
Според информациите на Обвинителството, во првиот случај, во раните утрински часови на 22 октомври, осомничените насилно влегле во куќа во скопската населба Хром.
Cопственикот го врзале за рацете и нозете, го удирале по главата и телото, а потоа го задушиле со перница. Потоа ја пребарале куќата и одзеле пари и златен накит во вкупна вредност од околу 300.000 денари.
Истиот ден попладне, еден од осомничените ги превезол останатите со своето возило до златарница во Старата скопска чаршија, каде што го продале украдениот накит за 2.840 евра.
Второто разбојништво се случило во Ѓорче Петров
Вториот настан се случил ноќта меѓу 26 и 27 октомври, кога осомничените влегле во куќа во Ѓорче Петров. Според наводите на Обвинителството, со физичка сила ја нападнале сопственичката, ја удирале по главата и телото, ѝ ги врзале рацете и нозете, ѝ ја затнале устата и ја однеле во бањата.
Жената починала од здобиените повреди. Од куќата биле одземени пари, накит и други вредни предмети во вкупна вредност од околу 200.000 денари. И во овој случај, украдениот златен накит бил продаден.
За осомничените е побаран притвор
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени. Истрагата се води за тежок облик на кривичното дело разбојништво, бидејќи жртвите биле лишени од живот со умисла. За ова дело, според Кривичниот законик, е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.
Постапката е во истражна фаза, а осомничените се сметаат за невини додека нивната вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.

