Мицкоски објави убава вест за граѓаните

Премиерот Христијан Мицкоски ја оцени како исклучително успешна работната посета на Диселдорф, Германија, каде што остварил средби со политички претставници и со повеќе компании заинтересирани за инвестирање во Македонија.

Во видеообраќање, Мицкоски истакна дека денот започнал со билатерална средба со премиерот на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, Хендрик Вист, на која биле потврдени добрите односи и можностите за продлабочување на економската соработка.

Според премиерот, Македонија е единствената земја од шесте држави на Западен Балкан која има потпишано договор за ваков вид билатерална и економска соработка со оваа германска покраина.

Мицкоски посочи дека Северна Рајна-Вестфалија има околу 18 милиони жители и претставува еден од најмоќните економски региони во Германија, со номинален бруто-домашен производ од над 900 милијарди евра во 2025 година.

„Ако нашиот БДП беше околу 18 милијарди евра, тогаш зборуваме за 50 пати поголема економија“, истакна Мицкоски, додавајќи дека економските можности за соработка се огромни.

Тој го поканил премиерот на Северна Рајна-Вестфалија да ја посети Македонија по покраинските избори што, според неговата изјава, се очекуваат во април следната година.

Во текот на посетата биле одржани и состаноци со повеќе компании, меѓу кои и германската „Гересхајмер“, која досега реализирала две инвестиции во Македонија во вкупна вредност од околу 120 милиони евра и вработува приближно 300 лица.

Според Мицкоски, компанијата планира нова инвестиција на површина од 100.000 квадратни метри, со која бројот на вработени би се зголемил на 500, а обемот на нејзиниот бизнис во земјава практично би се тројно зголемил.

Премиерот најави и отворање на три нови производни капацитети во декември, доколку активностите се реализираат според планот. Тие, по достигнувањето на полниот капацитет, треба да обезбедат повеќе од 1.000 нови, добро платени работни места.

„Продолжуваме да се бориме за Македонија, овде во Германија. Се гледаме наскоро во Скопје“, порача Мицкоски.