Тешка сообраќајка – три лица итно пренесени во болница

Три лица се повредени во сообраќајна несреќа што се случила на локалниот пат меѓу селата Добарце и Чифлик во тетовско.

Како што информираат од МВР, несреќата во СВР Тетово била пријавена вчера во 16:05 часот. 

Во неа учествувале автомобил „опел корса“ со тетовски регистарски ознаки, управуван од 55-годишниот А.Ч. од Чифлик, и четирицикл со тетовски ознаки, управуван од 34-годишниот Б.С. од Ларце.

Возачот на четирициклот се здобил со тешки телесни повреди, додека неговиот 16-годишен сопатник и возачот на автомобилот поминале со телесни повреди.

Повредите биле констатирани во Клиничката болница во Тетово.

Увид на местото на несреќата извршила екипа на СВР Тетово.