Масакр во Турција: Многу лица убиени во три села, полицијата трага по напаѓачот

Осум лица го загубија животот, а едно е тешко повредено во вооружен напад што се случил во три села во западниот дел на Турција. Полицијата започнала потрага по осомничениот, кој според сведоците побегнал од местото на злосторството со црвен автомобил.

Трагедијата се случила во раните вечерни часови во руралното подрачје на покраината Афјонкарахисар, која се наоѓа меѓу Анкара и Измир.

„Осум наши граѓани ги загубија животите, а уште едно лице е тешко повредено во вооружен напад во нашата покраина“, соопштија од кабинетот на гувернерот.

Според турската државна агенција „Анадолу“, две жени со прострелни рани биле пронајдени на пат во селото Јукаритандир. Тие итно биле пренесени во болница, но и покрај напорите на лекарите, им подлегнале на повредите.

Во селото Кијир, кое се наоѓа на околу половина час возење североисточно, биле пронајдени уште три безживотни тела. Дополнителни три жртви биле откриени во селото Ајазини, оддалечено околу половина час возење од Кијир.

Уште едно лице е хоспитализирано во критична состојба, а лекарите се борат за неговиот живот.

Турските медиуми јавуваат дека полицијата интензивно трага по возачот на црвениот автомобил, кој бил забележан како го напушта местото на нападот.

Засега нема официјални информации за мотивите на злосторството, ниту за идентитетот на осомничениот.