Со неизмерна болка, солзи и преполни срца со тага, семејството, пријателите, соучениците и жителите на Богданци и Гевгелија вчера се испратија од 17-годишната Биљана Ќириќ, чиј живот трагично згасна во ужасниот случај на фемицид што ја потресе целата јавност.
На градските гробишта во Гевгелија владееше потресна атмосфера. Гробното место на младата девојка беше буквално преплавено и покриено со стотици цвеќиња, венци, панделки и проштални писма.
Наместо да седи во училишните клупи и да ги дели секојдневните матурски радости со своите другарки, Биљана прими последен поздрав преку емотивни пораки испишани од оние со кои требаше да ја дели младоста.
Животот на оваа насмеана девојка беше прекинат во цутот, во трагичниот настани во кој го загуби животот од својот 21-годишен партнер Виктор, кој по грозоморниот чин сам си пресуди.
Како што сведочат и самите објави од локалните портали, оваа прерана загуба длабоко ги потресе Богданци и Гевгелија, но и цела Македонија, оставајќи зад себе празнина што никогаш нема да се пополни.


