Страотна сообраќајка во Бугарија – има многу загинати

Најмалку седум лица го загубиле животот, а повеќе се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случила на автопатот „Тракија“ во Бугарија, во близина на градот Јамбол. Во серијата верижни судири учествувале повеќе од 50 возила, меѓу кои патнички автомобили, камиони и цистерни.

Несреќите се случиле во вторникот наутро, на потегот меѓу клучките „Зимница“ и „Кабиле“, при густа магла и исклучително лоша видливост. Поради големиот број судири, автопатот е целосно затворен за сообраќај во двата правца, додека спасувачките екипи се на терен и се обидуваат да ги извлечат лицата кои останале заробени во своите возила.

Главниот инспектор Тодор Мишинев од полицијата во Јамбол потврдил дека во дел од возилата има заглавени патници, поради што во моментов приоритет е нивното безбедно извлекување. Увидот и утврдувањето на причините за несреќата ќе започнат откако ќе завршат спасувачките активности.

Во болницата во Јамбол досега се примени седум повредени лица. Според заменик-директорот Валентин Валчев, нивната здравствена состојба е тешка, со повеќекратни повреди, поради што се сместени во шок-собата.

Медицинскиот персонал е целосно мобилизиран, а во болницата се активирани сите достапни екипи од одделенијата за реанимација, хирургија и трауматологија. Од установата информираат дека пациентите на кои ќе им биде потребна неврохируршка интервенција ќе мора да бидат транспортирани во други болници, бидејќи Јамбол нема соодветно одделение.