УЖАС: Ја давел со голи раце и не ѝ давал да дише, па избегал од прозорец

Осомничен за долготрајно физичко и психичко малтретирање и давење на 21-годишна битолчанка е во бегство, откако успеал да побегне низ отворен прозорец во просториите на СВР Битола, пренесува „Слободен печат“.

Мајката на жртвата, Б. А., апелира на итна реакција и пронаоѓање на сторителот, нагласувајќи дека нејзината ќерка, која година и половина била изложена на тепање и закани по живот, во моментов е згрижена во шелтер центар по проценка на Центарот за социјални работи.

Во меѓувреме, судското рочиште за изрекување мерки против пријавениот, кое требало да се одржи вчера по пријава на ЦСР Битола, е одложено за 18 ноември поради неуредна достава и негово отсуство. Од Обвинителството посочиле дека по пријавата на 10 ноември веднаш дале насока лицето да се повика на разговор.

Од МВР ги потврдуваат околностите под кои се случило бегството и информираат дека за случајот е вклучена внатрешната контрола.

„На 10.11.2026 година во 23 часот и 10 минути во СВР Битола, 21-годишна битолчанка пријавила дека околу 17 часот била физички нападната од нејзиниот партнер К.У. Според пријавеното, тој подолг временски период физички и психички ја малтретирал и ѝ упатувал закани. Во моментот на пријавувањето, во СВР Битола доброволно дошол и пријавениот К.У. заедо со негов родител. При преземањето службени дејствија од страна на полициските службеници, со намера да биде лишен од слобода, лицето преку отворен прозорец избегало од просторијата за развод. Веднаш биле испратени полициски службеници и преземени се мерки и активности за негово пронаоѓање кои продолжуваат и во моментот“, наведуваат од МВР за Слободен Печат.