Од среда следува голема промена на времето – УХМР со најнова прогноза

Променливо облачно време со сончеви периоди, но и повремени врнежи од дожд во попладневните часови – вакво време нè очекува денеска, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на магла, а ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, кој долж Повардарието ќе биде поизразен.

Утринската температура ќе се движи од неколку степени над нулата до околу 10 степени, додека дневните температури ќе останат релативно високи за овој период од годината.

Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време, со можност за повремен дожд во попладневните часови и слаб до умерен југоисточен ветер.

Променливото време со локални врнежи ќе продолжи и во наредните денови, но од понеделник се очекува постепен пораст на температурите, кои повторно ќе бидат над просекот за средината на ноември.

Покрај затоплувањето, метеоролозите најавуваат и засилување на јужниот ветер. Од почетокот на следната седмица тој ќе биде умерен до засилен, а од среда повремено ќе достигнува и брзина над 60 километри на час, особено во западните делови од земјава.