Маж од Македонија тешко повреден во несреќа на работно место во Италија

Македонски државјанин на возраст од 57 години е тешко повреден во несреќа на градилиште во италијанскиот град Сачиле, во покраината Порденоне. Тој паднал од скала од височина од околу два метра додека извршувал работни задачи.

Несреќата се случила во понеделникот, 16 ноември, на улицата „Виа Еторео“. Според италијанските медиуми, работникот се качувал кон настрешница за да отстрани исечено дрво кое останало заглавено на покривната конструкција, кога паднал и ја удрил главата.

Колегите веднаш повикале помош, а поради сериозноста на повредите на местото бил испратен и медицински хеликоптер. Македонецот бил пренесен во болницата „Санта Марија дела Мизерикордија“ во Удине, каде што итно бил опериран и сместен на интензивна нега.

Според весникот „Месадџеро Венето“, неговата состојба е тешка, а прогнозата неизвесна. Италијанската телевизија РАИ објави дека работникот не е во животна опасност.

По несреќата, на местото интервенирале карабинерите и инспектори од надлежната здравствена служба, кои треба да ги утврдат причините за падот и дали биле почитувани мерките за безбедност при работа.