Цените на нафтата на светските берзи продолжуваат да паѓаат. Цената на референтната сурова нафта Брент утрово се спушти под 92 долари за барел, што може наскоро да се одрази и врз цените на горивата на бензинските пумпи.
На Лондонската берза цената на барелот Брент падна за 0,7 проценти, односно за 64 центи, и се тргуваше по 91,80 долари. Истовремено, американската нафта WTI поевтини за 0,6 проценти, достигнувајќи цена од 85,17 долари за барел.
Овој пад продолжува по негативниот тренд од минатата недела, кога цената на Брент се намали за 16 проценти, додека американската нафта WTI забележа пад од 13 проценти.
Стабилизирање на снабдувањето
Една од главните причини за намалувањето на цените е речиси целосната нормализација на транспортот на нафта од Блискиот Исток преку стратешки важниот Ормуски Теснец. Прометот низ овој поморски премин се приближи до нивото пред воените случувања, со што се намалија стравувањата од прекини во снабдувањето.
Дополнителен притисок врз цените создава и послабата побарувачка од Кина, како и проценките на Меѓународната агенција за енергија дека на глобалниот пазар би можело да се појави вишок на нафта.
Загриженоста кај трговците е намалена и покрај повремените напади врз танкери во регионот.
Падот на цената на суровата нафта отвора можност за поевтинување на горивата, но конечниот ефект врз малопродажните цени ќе зависи и од курсот на доларот, рафинериските цени и останатите пазарни фактори.

