Важна информација за Македонците кои работат во Германија

Германската влада усвои предлог-закон со кој се предвидува продолжување на максималното времетраење на договорите на определено време од две на четири години, со можност за најмногу шест продолжувања без наведување причина.

Според сегашните правила, ваквите договори можат да траат најмногу две години и да се продолжат трипати. Новиот предлог предвидува и поголема флексибилност при склучување договори со поранешни вработени, како и можност договорите да се потпишуваат електронски.

Промените би стапиле во сила следната година, доколку бидат усвоени од Бундестагот и Бундесратот, а би важеле за работниците кои ќе започнат со работа до 31 декември 2030 година.

Предлог-пакетот содржи и олеснувања за откази кај високо платените работници, проширување на можностите за работа во недела и празници во одредени дејности, како и други измени во трудовото законодавство.

За работниците, вклучително и оние од Македонија кои заминуваат на работа во Германија, ова би значело можност за подолг период на вработување со договор на определено време, без автоматска гаранција дека тој ќе премине во договор на неопределено време.