Македонија во шок: Брутален напад врз екипа на Итната помош, татко и син претепале лекар и сестра

Лекар и медицинска сестра од Итната медицинска помош биле физички нападнати од татко и син во близина на Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје. Инцидентот се случил на 21 ноември околу 17 часот, а двајцата здравствени работници завршиле во болница со телесни повреди.

Нападот следел по недоразбирање околу транспортот на повозрасен пациент до Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Пациентот, кој имал онколошко заболување, наводно неколку часа претходно испил антифриз во обид да си го одземе животот, по што семејството побарало итна медицинска помош.

Кога лекарот и медицинската сестра пристигнале со амбулантното возило, синот на пациентот побарал лекарот веднаш да го прегледа неговиот татко. Лекарот се упатил кон автомобилот, но пациентот не бил во него, туку стоел покрај возилото.

По прегледот, лекарот, според изворот на „Журнал.мк“, објаснил дека пациентот во тој момент не покажувал видливи знаци на сериозно влошување и дека транспортот до Клиничкиот центар мора да биде координиран со надлежниот центар на Итната медицинска помош.

Тој им предложил на семејството пациентот да го однесат со сопствен автомобил или да побараат организиран транспорт преку центарот за координација. Лекарот, наводно, објаснил дека неговата екипа има и други итни интервенции, но дека ќе постапи доколку добие наредба за транспорт.

Несогласувањето продолжило, а според информациите на медиумот, таткото и синот физички ги нападнале лекарот и медицинската сестра. Двајцата биле повредени и морале да побараат медицинска помош во болница.

Инцидентот бил пријавен во полиција, а надлежните преземаат мерки за утврдување на околностите и одговорноста за нападот.