Тажна вест за пушачите: Цигарите ќе поскапат – еве од кога

Речиси секој втор возрасен граѓанин во Македонија пуши цигари, а годишно за оваа навика во просек издвојува околу 600 евра. Загрижувачки е и податокот дека тутунски производи користат 17 отсто од малолетниците, покажува истражувањето на „Аналитика тинк-тенк“ и Светската здравствена организација (СЗО).

Резултатите беа презентирани на националната конференција „Од податоци до политики: Како да ја намалиме цената на пушењето?“, одржана во Скопје. Истражувањето за 2026 година било спроведено на 1.065 возрасни испитаници и покажало дека 50 отсто од нив пушат, додека процентот на секојдневни пушачи се зголемил од 43 на 48,1 отсто.

Податоците откриваат дека пушењето е длабоко присутно во секојдневието на голем дел од населението. Речиси една четвртина од пушачите консумираат повеќе од 20 цигари дневно, додека дополнителни 40 отсто пушат меѓу 10 и 20 цигари.

Истражувањето покажува и дека цигарите станале за 17,3 отсто подостапни во однос на просечната плата, бидејќи примањата растеле побрзо од цените на тутунските производи.

Министерот за здравство Сашо Клековски посочи дека просечниот годишен трошок за цигари од 600 евра е повисок од просечните здравствени придонеси што ги плаќа еден вработен, а кои изнесуваат околу 500 евра.

Од Светската здравствена организација порачале дека е потребно значително зголемување на цените на тутунските производи, со цел тие да станат помалку достапни, особено за младите.

Особена загриженост предизвикува податокот дека 17 отсто од малолетниците користат тутунски производи, што укажува на потребата од посилни мерки за спречување на почетокот на пушењето кај младите.

Иако новиот закон за заштита од пушење првично беше најавен за стапување во сила на 1 март 2026 година, тој сè уште не е усвоен во Собранието. Причината за доцнењето е разгледувањето на амандмани и барањето дополнителни мислења.

Предложените законски измени предвидуваат забрана за пушење во повеќе јавни и полујавни простори, како и во приватни возила во кои се превезуваат деца.

Инаку, во октомври 2023 година, со измените на Законот за акцизите, е пропишано дека од 1 јануари 2024 до 1 јануари 2030 година специфичната минимална акциза на цигарите се зголемува за 0,23 денари по цигара секој 1 јануари. Тоа значи зголемување од 4,60 денари за кутија со 20 цигари, само по основ на специфичната акциза, додека последното поскапувањето од 10 денари за одредени брендови беше забележано на 1 март оваа година. Се поставува прашањето уште колку цигарите треба да поскапат за да се намали нивната продажба и дали воопшто на овој начин некогаш ќе се одвратат пушачите од купување на цигари?