Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски денеска со покана бил повикан на службен разговор во Секторот за внатрешни работи.
Како што рече самиот на прес конференција, причина за поканата бил предмет поврзан со исплата на плати и надоместоци за лица вработени во општината, а по анонимно доставена пријава.
Димитриевски на тоа гледа како на притисок во работењето.
– Во континуитет се случува истиот притисок на работењето на Општина Куманово и на мене како градоначалник. Целта е јасна, да бидам дефокусиран од моите секојдневни активности.
Според наводите во пријавата, иако од страна на вработените во општина Куманово е постапувано согласно закон, плати се исплаќаат со децении во општината и методологијата на пресметка е иста, имаме и потпишано колективен договор, вели тој.
Градоначалникот вели дека дополнително на лицата кои ја водат постапката ќе им бидат доставени и други податоци.
– Ова го ценам како класичен пример на злоупотреба од страна на поединци кои менаџираат со овој ресор во партиско политички цели на институциите.
Се случува еден преседан секојдневно се пишуваат анонимни кривични пријави до МВР, од МВР завшуваат во Основно јавно обвинителство, се добиваат насоки за постапување, се отвараат предмети кои на крајот резултираат со ништо и се трошат ресурси.
Ние ги плаќаме сите тие лица ангажирани на тие активности, а во меѓувреме државата тоне во корупција и тоа го потврдуваат сите релевантни амбасади во државата, додава тој.