Метео анализа на Славчо Попоски:
Нов голем влажен, но овој пат и значително постуден воздушен бран ќе ја зафати територијата на Македонија во понеделник доцна попладне и навечер, како и во текот на ноќта кон вторник и во вторник.
На повеќе места ќе има обилни врнежи од дожд (локално ќе наврнат нови над 30 литри дожд на метар квадратен воден талог).
Поради заладувањето и значителниот пад на температурите, на планините над 1200-1300 метри надморска височина ќе има врнежи од снег, со што ќе се формира и снежна покривка.
Значителна снежна покривка очекуваме на планините во западните и северните предели, како и на североистокот и истокот од Македонија (понекаде и со висина од над 25 сантиметри).
НАПОМЕНА: Снежната граница локално би можела да се спушти и до околу, па и под 1000 метри надморска височина, со што врнежи од влажен снег би можело да има и на некои повисоки населени места. Сето ова ќе биде проследено и со засилен ветер, најпрвин од јужен и од југоисточен, а потоа од северен и од северозападен правец (повремено со брзина од над 60 км/час).
Во Скопје и околината исто така со овој влажен бран очекуваме нови пообилни врнежи од дожд, а на околните планини врнежите ќе бидат од снег. Сето ова ќе биде проследено со засилен ветер, најпрвин од југоисточен, а потоа од северен и од северозападен правец.
Што се однесува до температурите, тие позначително ќе опаднат, особено во вторник кога максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот помеѓу 4 и 12 степени.
Оваа голема промена на времето која не очекува е поврзана со длабокиот циклонски систем од запад, поточно со центар над Џеновскиот залив и во центарот на истиот ќе има присуство на значително поладен воздух.