Дуг Ингл, кој беше последен жив член од оригиналната постава на рок групата „Ајрон батерфлај“, почина на 78-годишна возраст. Тој беше еден од основачите на групата во 1966 година и нејзин главен вокал.
Тие се најпознати по нивниот 17-минутен хит „In A Gadda Da Vida“, кој се појави во епизода на комичната анимирана серија „Симпсонови“ („The Simpsons“) во 1995 година.
Синот на музичарот ја објави смртта на неговиот татко на социјалните мрежи, но не ја прецизираше причината.
„Со тешко срце и голема тага ја објавувам смртта на мојот татко, Дуг Ингл. Тато почина мирно во присуство на неговото семејство. Тато, ти благодарам што ми беше татко, учител и пријател. Ќе носам љубов и спомени во остатокот од моите денови додека одам напред во ова животно патување. Тато, те сакам“, напиша синот на музичарот, Дуг Ингл Помладиот.
Да потсетиме, песната „In A Gadda Da Vida“ е вклучена во истоимениот албум на „Ајрон батерфлај“ од 1968 година, кој помина 81 недела во топ 10 во САД. Таа песна стана легендарна и своевидна шега во рок круговите.