Метео прогноза на Славчо Попоски:
Почитувани наши, атмосферата попладнево во Македонија значително се дестабилизираше и тоа поради влијанието на циклонската активност која е со центар над Средоземјето. Во поголем дел од државава попладнево беше нестабилно облачно со локална појава на пороен дожд, грмежи, засилен ветер и локална појава на силно невреме.
Појава на невреме со силен град имаше во Пелагониско, како и во Беровско, а појава на невреме со обилен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер и со појава на град имаше и на други места низ државава.
Нестабилност вечерва и околу полноќ очекуваме во источните и во североисточните предели од државава, проследена со локална појава на пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за појава на невреме со силен ветер и со појава на град. И во делови од Скопската котлина можна е појава на пороен дожд, грмежи, силен ветер и со услови за појава на град.
Апелираме на голема нестабилност во случај на појава на невреме и на силни електрични празнења, односно да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја. Исто така во случај на појава на силен и крупен град автомобилите да се заштитат.
Нестабилното време со чести врнежи, грмежи и со појава на невреме ќе продолжи и во следните денови, но температурите до самиот крај од овој месец остануваат високи.