Почина Шифти Шелшок, фронтменот на групата „Crazy Town“, пишува „Daily Mail“. Имаше 49 години.
Пејачот, чие вистинско име е Сет Брукс Бинзер, бил пронајден мртов во својот дом во Лос Анџелес. Причината за неговата смрт засега не е позната.
Шелшок зад себе остави три сина. Тој со години се борел со зависноста од дрога и алкохол, а дури бил и во кома. Пејачот долго време се бореше со злоупотребата на дрога и се појавуваше во разни реалити програми за да се избори со својата зависност, вклучувајќи ги „Celebrity Rehab“ и „Sober House“.
Шифти Шелшок е соосновач на „Crazy Town“, рап-рок бенд кој е основан во 1995 година. „Butterfly“, култната песна која го прослави бендот беше објавена во октомври 2000 година како трет сингл од нивниот деби албум „The Gift of Game“ (1999), но се здоби со популарност дури откако беше официјално објавена со музичко видео во февруари 2001 година.
Песната стигна до првото место на американскиот „Billboard Hot 100“ веќе следниот месец и остана таму цели две недели. Со оглед на тоа дека хитот е базиран на песната „Pretty Little Ditty“ од албумот на „Red Hot Chili Peppers“ – „Mother’s Milk“ (1989), членовите на бендот Ентони Киедис, Фли, Чед Смит и Џон Фрушанте се наведени како коавтори на „Butterfly“.
Песната денес има 237 милиони прегледи на Јутјуб.