По Полошкиот регион, невреме проследено со силен ветер, пороен дожд, силни грмежи и појава на град го зафати и Скопје, каде има пријави за предизвикани штети.
Невреме, како што информираа од Управата за хидрометеоролошки работи, има и во Куманово.
Од УХМР велат дека околу скопската котлина и Куманово има неколку развиени јадра на нестабилна воздушна маса.
Според пријави од граѓани, од паднато дрво оштетен е автомобил во близина на Тутунскиот комбинат во центарот на Скопје.
Од Центарот за управување со кризи информираа дека во 20:30 часот на единствениот телефонски број за итни случаи била добиена пријава дека од силниот ветер се откачил олук од зграда на булеварот АСНОМ во населбата Аеродром и претставува опасност за безбедноста.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов информираше и за паднато дрво на булеварот „Јане Сандански“, спроти трговскиот центар „Капитол“ во населбата Аеродром.