Барањето за 450 евра минимална плата на првата седница на Економско-социјалниот совет

Раст на минималецот и намалување на цените е во фокусот на новиот министер за економија и труд Бесар Дурмиши. Тој кажа дека барањето на сидникатите за 450 евра минимална плата во првите сто дена на новата влада ќе биде разгледано уште на првата седница на Економско-социјалниот совет со кој ќе претседава. Ќе гледа да ги заштити работниците, но истовремено и да не ги оштети фирмите, објави ТВ Сител.

„Како Влада од особено значење ни е социјалниот дијалог, односно вклучување на сите засегнати страни. Мора да го имаме предвид интересот на работниците, но и интересите на бизнис секторите“, порача– Бесар Дурмиши, министер за економија и труд

ССМ и денеска го повтори своето барање.

„Сведоци сме дека додека платите на работниците се зголемуваат минорно, со забавено темпо и несоодветно на инфлацијата и зголемените трошоци на живот или воопшто не се зголемуваат, функционерите си обезбедија пораст на платите од енормни и незаслужени 78%. Работниците бараат и очекуваат минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите 100 денови на новата Влада како гаранција за заштита на најранливата категорија на населението како и за спречување на одливот на работната сила во државите од регионот“.

Во меѓувреме, Дурмиши најави и разгледување на листата од две илјади производи од Законот за нефер трговски практики кој се очекува од септември да профункционира во пракса и да ги поевтини прехранбените продукти.

„Со коморите и производителите на храна ќе се сретнеме и ќе видиме на некој начин да ги намалиме цените, се во интерес на граѓаните за да не паѓа нивниот стандард“ – Бесар Дурмиши, министер за економија и труд

Министерот ќе побара од Државниот завод за ревизија да го провери работењето на министерството за економија од 2015-та година досега, оти според него, последната ревизија е направена пред 9 години.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде