Страшно: Со ножеви нападнале полицајци. Еден од напаѓачите се обидел да задави полицаец

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка и предложи притвор за две лица кои осомничени за кривичното дело напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 од Кривичниот законик, соопшти Јавното обвинителство.

Едниот од нив е осомничен и за обид за кривичното дело спречување на службено лице во вршење службено дејствие, според член 382 став 3 од КЗ.

„Осомничените со ножеви во рацете им се заканиле на двајца униформирани полициски службеници, кои, постапувајќи по наредба за вршење на мотопатролна дејност на регионалниот пат Битола-Бистрица го запреле возилото во кое се наоѓале осомничените, за да извршат контрола на возилото и на возачот.

Со ножевите осомничените се упатиле кон полицајците, вербално заканувајќи им се дека ќе ги убијат. Едниот од осомничените и физички нападнал полицаец, го турнал и започнал да го стега за вратот, нанесувајќи му површинска телесна повреда.

Кога полицајците се обиделе да го совладаат, другиот осомничен се обидел да ги спречи, така што ги тргал за рацете и униформите.

Двајцата осомничени биле лишени од слобода со засилување од интервентна екипа од СВР Битола“, соопшти Јавното обвинителство.

Одлучувајќи по предлогот од надлежниот јавен обвинител, судија на претходна постапка од Основниот суд во Битола на осомничените определи притвор во траење од 8 дена, додаде ЈО.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде