Чекале во грмушки со пиштоли, па пукале во возило: детали за обидот за убиство во Македонија

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против двајца браќа, на возраст од 43 и 44 години, осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело убиство во обид според член 123 став 2 точка 3 во врска со член 19 од Кривичниот законик.

Според обвинителството, на 6 јуни во близина на авто-плац во селото Шишево, браќата со умисла се обиделе да лишат од живот едно лице, а притоа го довеле во опасност и животот на уште две лица.

Што тврди обвинителството:

Претходно дошло до сообраќаен инцидент меѓу братот на оштетениот и првоосомничениот, кога при разминување со возила се допреле ретровизорите.

Следувала вербална расправија, при што првоосомничениот го фатил оштетениот за врат и му се заканил, а двајца сведоци ја смириле ситуацијата.

Нападнатиот подоцна ја зел сопругата од работа и го повикал брат му за да провери дали можат безбедно да се вратат по истиот пат.

Во близина на местото на првиот инцидент, според истрагата, двајцата осомничени чекале во грмушки со пиштоли.

Првоосомничениот испукал два куршуми, при што го погодил братот на првично нападнатиот во главата и му нанел тангенцијална повреда, а биле загрозени и другите две лица.