Петгодишно дете од гостиварското село Чегране било префрлено на Детската клиника во Скопје откако се затруло со лекови што ги проголтало во домот на своите баба и дедо.
Според информациите од СВР Тетово, вчера во 18:40 часот полициски службеници од Полициската станица Гостивар извршиле разговор во Педијатриското одделение при Медицинскиот центар во Гостивар, каде детето било донесено поради труење со лекови.
Според изјавата на неговата мајка Н.А. (25), настанот се случил околу 17 часот додека таа била на работа, а детето било под надзор на бабата и дедото. Поради невнимание, малолетникот дошол во допир со таблети кои биле оставени на лесно достапно место и ги проголтал, по што му се влошила здравствената состојба.
Детето било затекнато во стабилна и контактибилна состојба. По укажаната прва медицинска помош во Гостивар, било префрлено на Детската клиника во Скопје за понатамошно лекување и дополнителни испитувања.
Случајот е евидентиран од полицијата.

