Следува голема промена на времето

По неколкудневното вистинско летно време, Македонија ја очекува значителна временска промена.

Според најновите прогнози на AccuWeather, во текот на следната недела ќе има осетно заладување, локални врнежи од дожд и услови за нестабилност, особено во западните и северните делови од земјата.

Почетокот на неделата ќе донесе умерено топло време со температури кои во поголем дел од земјата ќе се движат меѓу 26 и 31 степен. Сепак, веќе од четврток и петок се очекува продор на посвеж воздушен бран кој ќе предизвика пад на дневните температури за неколку степени, а на места и пообилни врнежи од дожд проследени со грмежи.

Во Скопје температурата ќе се движи околу 29 до 30 степени во првата половина од неделата, по што ќе следува постепено освежување. Во Охридскиот регион и западните планински предели времето ќе биде уште посвежо, со максимални температури кои кон крајот на неделата ќе се спуштат и под 23 степени.

Најизразено освежување се очекува во планинските и западните делови на земјата, каде температурите ќе бидат и до десет степени пониски од вредностите карактеристични за почетокот на месецот. Во делови од Маврово, Бродскиот регион и Шар Планина дневните температури ќе останат под 20 степени, што е невообичаено свежо за средината на јуни.

Метеоролозите предупредуваат дека и покрај посвежото време, локално ќе има услови за краткотрајни невремиња со засилен ветер, електрични празнења и интензивни врнежи во краток временски период. Според моменталните прогностички материјали, вистинските летни горештини нема да се вратат веднаш, па втората половина на јуни би можела да започне со температури пониски од просекот за овој период од годината.