Големо намалување на цената на нафтата

Цената на суровата нафта на светските пазари бележи значителен пад, при што референтната нафта Брент се спушти под границата од 80 долари за барел за првпат од март наваму.

Пазарите реагираат на очекувањата дека Соединетите Американски Држави и Иран би можеле да постигнат договор, што би придонело за отворање на Хормускиот Теснец и нормализирање на глобалното снабдување со нафта.

Утринава нафтата Брент се тргуваше по цена од 78,90 долари за барел, додека американската нафта ВТИ достигна 76 долари за барел.

Падот доаѓа по период на силен раст на цените. Само пред неколку недели Брент надминуваше 100 долари за барел поради стравувањата од евентуални нарушувања во снабдувањето со енергенси и зголемените геополитички тензии на Блискиот Исток.

Аналитичарите оценуваат дека евентуалниот договор меѓу Вашингтон и Техеран би можел да го намали притисокот врз енергетските пазари и да придонесе за поголема стабилност на цените во наредниот период.