Народот верува дека ѓаволот на овој ден го бара своето засолниште – еве што треба да направите!

Македонската православна црква – Охридска архиепископија заедно со своите верници на овој ден го слави основачот на заедничкиот монашки живот на Света Гора и заштитникот од силни бури и непогоди

МПЦ-ОА и верниците денеска го одбележуваат празникот на Преподобниот Атанасиј Атонски, светец кој во народот се смета за голем заштитник од невреме, бури и природни непогоди.

Воедно, денешниот ден е поврзан со необични народни верувања и легенди за борбата на овој светител со нечестивиот.

Кој бил Свети Атанасиј Атонски?

Свети Атанасиј Атонски (Светогорски) е роден во Трапезунт во 10 век. Како дете рано останал без родители, но бил земен под старателство од еден византиски војвода кој го одвел во Цариград и му овозможил школување. Пред да се замонаши го носел името Аврамиј и се одликувал со голема скромност.

По завршувањето на школувањето, тој го напуштил световниот живот и се повлекол на Света Гора каде што го вовел киновискиот систем – идејата дека монасите треба да живеат во заедница, наместо како пустиници (испосници), што било пракса дотогаш.

Со помош на византиските цареви Никифор Фока и Јован Цимискиј, тој го изградил манастирот Голема Лавра, кој е првиот и воедно и најстариот манастир на Атос. Свети Атанасиј го напишал и првиот типик (законик) на Света Гора. Својот живот го завршил во 980 година на необичен начин, кога врз него и уште шестмина монаси се урнал ѕид додека ги обиколувале градежните работи на една нова црква.

Во текот на својот живот, Преподобниот Атанасиј се соочувал со многу искушенија, но ги победувал со вера, смирение и непрестајно обраќање кон Бога преку молитва. Преданието вели дека се удостоил со посебна благодат Божја и дека му се јавила Пресвета Богородица, која чудотворно извела вода од карпа и ветила дека засекогаш ќе биде заштитничка.

Народни верувања

Зошто ѓаволот се крие во садовите кога грми?

Во некои краишта на Балканот до денес е зачувано преданието за тоа како ѓаволот се обидел да го искуша овој монах.

Според ова предание нечестивиот се преправил во преубава девојка која го мамела Атанасиј да се одрекне од Бога.

Сепак, светителот веднаш ја прозрел измамата и ја замолил „девојката“ да му ја покаже својата моќ така што ќе влезе во еден мал ќуп. Штом таа го сторила тоа, монахот веднаш го затворил садот и го фрлил во морето.

Според легендата, ќупот со години пловел сè додека не го нашле рибари кои од љубопитност го отвориле, по што ѓаволот повторно излегол на слобода за да ги искушува луѓето.

Поради оваа приказна, старите веруваат дека штом денеска загрми, ѓаволот помислува дека тоа доаѓа Свети Атанасиј, се плаши и веднаш бара засолниште во кујнските садови.

Што треба да направите денеска?

Поради овие традиционални верувања, се препорачува строго да се придржувате до следниве обичаи:

Држете ги сите садови цврсто затворени

На овој ден е важно сите садови, тенџериња и кујнски елементи во домот да бидат поклопени или затворени за во нив да не се скрие нечестивиот.

Празник за воденичарите

Во некои краишта овој ден посебно го слават воденичарите. Тие веруваат дека денеска ѓаволите демнат во вировите околу реките, па затоа сметаат дека водениците денеска нема добро да работат и не треба да се форсира работата.