Страотна сообраќајка на Халкидики – загина речиси цело семејство

Откако речиси целото семејство од Молдавија загина во тешка сообраќајна несреќа што се случи во средата, на 15 јули, на Халкидики во Грција, лекарите во болницата во Солун се борат за животот на седумгодишно девојче кое се наоѓа во критична состојба.

Таа е единствената преживеана од судирот меѓу патнички автомобил и цистерна, бидејќи нејзината мајка и бебето загинале на самото место, додека нејзиниот татко починал нешто подоцна во болницата во Полигирос.

Според грчкиот весник „Прототема“, ден по страшната несреќа, во која речиси целото семејство загина додека попладнето со автомобил тргнало кон плажа, во Грција пристигнала сестрата на починатата жена, односно тетката на преживеаното седумгодишно девојче, која ќе го преземе старателството над неа. За истиот грчки медиум кратко се огласи и почесниот конзул на Молдавија, Јоргос Палазис.

„Денес во 11:20 часот пристигна Ана Кациур, сестрата на починатата жена во несреќата. Таа ќе го преземе старателството над девојчето“, изјавил тој во неделата, на 19 јули.

Девојчето е во критична состојба откако се здобило со повеќекратни скршеници. Планот на медицинскиот тим кој се грижи за неа бил да ја разбудат во понеделник, на 20 јули, но до денес не е познато како поминал тој процес и во каква состојба се наоѓа во моментов.

Таа е сместена на Одделот за интензивна нега во болница во Солун. Лекарите ја следат нејзината состојба од час во час. Во меѓувреме, веќе е започната постапката за пренесување на телата од Грција во Молдавија.

Поради страшната трагедија се огласи и градоначалничката на градот Страшени, Валентина Кашијан, од каде што потекнува семејството. Таа апелираше до јавноста да помогне во собирањето средства за транспорт на телата во Молдавија.

„Најсериозно апелирам до сите кои можат и сакаат да помогнат да уплатат донации на сметките отворени исклучиво за собирање помош, со согласност на семејството. Секој цент е важен, секоја добра мисла и секое споделување на оваа порака претставува вистинска поддршка во овие моменти на страшна трагедија“, изјавила таа.

Меѓутоа, според информациите на споменатиот грчки медиум, дури и во вакви трагични ситуации има луѓе кои се обидуваат да профитираат од туѓата несреќа. Во Молдавија постои страв од можни измами поврзани со собирањето финансиска помош за настраданото семејство, бидејќи полицијата се сомнева дека можеби станува збор за измамничка кампања за собирање средства за транспорт на телата и организирање на погребот.

Засега не е познато дали се отворени повеќе сметки со исто име и иста намена или станува збор за нешто друго. Надлежните органи ги проверуваат сите информации.

Што се случи со возачот на цистерната?

Возачот (44) на цистерната по несреќата бил приведен, но набргу потоа бил пуштен на слобода, јавува „То Вима“. Обвинителот одлучил да не го задржи во притвор, но не е познато во каква состојба се наоѓа во моментов.

Првичните информации по несреќата укажуваа дека се здобил само со полесни повреди. До денес нема официјални информации за причината за несреќата. Се сомнева дека патничкиот автомобил во кој се наоѓало семејството од Молдавија претекнувал друго возило и преминал на спротивната коловозна лента, но истрагата допрва треба да го потврди тоа.