Полицијата во акција – приведени осум лица

Осум лица се лишени од слобода во изминатото деноноќие на повеќе локации низ државата, откако при полициски проверки кај нив била пронајдена дрога, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Во периодот од 25 до 26 јули 2026 година, полициски службеници од СВР Скопје на различни локации во главниот град ги лишиле од слобода Ј.Ч. (47), А.Б. (19), Ф.Р. (27), Н.К. (19), М.О. (26), сите од Скопје, како и В.М. (35) од селото Морани, скопско.

При извршените прегледи кај нив биле пронајдени и одземени кафеава прашкаста материја, друга прашкаста материја и марихуана.

Дополнително, на 26 јули во 01:45 часот во селото Камењане, тетовско, полициски службеници од Полициското одделение Камењане ги лишиле од слобода Б.И. (21) и О.М. (18), двајцата од Тетово.

Кај нив била пронајдена бела прашкаста материја и марихуана, по што биле задржани во полициска станица.

Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.