На 63-годишна возраст почина Стојан Здравевски – Столе, еден од основачите, долгогодишен вокалист и кларинетист на битолската музичка група „Боеми“.
Тажната вест ја соопштија неговите колеги преку официјалната фејсбук-страница на групата, простувајќи се од својот долгогодишен пријател и соработник.
„Замина нашиот долгогодишен другар, музичар и дел од семејството на групата „Боеми“. Зад себе остави безброј спомени, песни, настапи и моменти кои засекогаш ќе останат во нашите срца. Столе, ти благодариме за сè што поминавме заедно – за пријателството, хуморот, насмевките и музиката што ја споделувавме низ годините. Почивај во мир, Столе. Никогаш нема да бидеш заборавен“, напишаа неговите колеги.
Според битолските медиуми, Здравевски бил еден од основачите на „Боеми“, формирана во 1989 година, а претходно настапувал и во музичката група „Боџкин“. Освен како кларинетист, бил препознатлив и по својот вокал.
Во текот на повеќе од три децении со „Боеми“ настапувал на концерти, фестивали, свадби и семејни веселби низ Македонија и меѓу македонската дијаспора. Групата е препознатлива по негувањето на староградската, народната и забавната музика, а во својата кариера освоила бројни признанија.
Посмртните останки на Стојан Здравевски – Столе ќе бидат изложени на 1 август во храмот „Свети Димитриј“ во Битола, од 11 до 13 часот, по што ќе биде извршен погребот на старите Светонеделски гробишта.

