Според податоците од МКФФИС, на 9 август 2026 година во 09:00 часот, со порастот на дневните температури се зголемува и метеоролошкиот индекс за опасност од пожари – FWI (Fire Weather Index), предупредува директорот на ЦУК, Мухамет Али.
„Во попладневните часови, покрај источниот дел од земјата, централниот и јужниот дел на Република Северна Македонија се со МНОГУ ВИСОК FWI, што укажува на зголемен ризик од појава и брзо ширење на пожари на отворен простор и шумски пожари со многу висок интензитет.
Останатите делови од земјата се со ВИСОК FWI, додека исклучок се повисоките планински предели, каде што индексот е НИЗОК и МНОГУ НИЗОК.
Во услови на високи температури и зголемена опасност од пожари, апелирам до граѓаните на особена внимателност и одговорно однесување, особено при престој и движење во природа. Секое невнимателно постапување може да предизвика пожар кој, во вакви временски услови, може многу брзо да се прошири и да зафати поголема површина.
Центарот за управување со кризи продолжува со континуирано следење на состојбата преку МКФФИС и со навремено информирање и координација на надлежните институции“, вели Али.


