Речиси целата територија на Македонија е со висок метеоролошки индекс за опасност од пожари, покажува најновата анализа на Македонскиот информациски систем за шумски пожари (МКФФИС).
Според Центарот за управување со кризи, состојбата е регистрирана денеска, 10 август, во 12:45 часот, при што единствен исклучок се повисоките делови на Шара.
Иако во моментот нема подрачја со многу висок метеоролошки индекс на опасност од пожари, ЦУК предупредува дека низ целата земја постои ризик од појава на пожари на отворен простор, како и од шумски пожари со висок интензитет.
Поради високите температури и неповолните временски услови, надлежните апелираат на особена внимателност и одговорно однесување на отворен простор, со цел да се спречи избувнување и ширење на пожари.
Од ЦУК посочуваат дека состојбата се следи континуирано преку системот за процена на опасноста од шумски пожари.


