Денеска нов голем скок на цената на нафтата

Цените на нафтата на меѓународните пазари продолжија да растат и надминаа 94 долари за барел, достигнувајќи го највисокото ниво во последните три недели.

Растот е поттикнат од стравувањата дека застојот во преговорите за завршување на војната на Блискиот Исток може дополнително да го наруши снабдувањето од регионот на Персискиот Залив.

На лондонскиот пазар барел нафта се тргуваше по 94,42 долари, што е раст од 2,80 долари во однос на претходниот период. На американскиот пазар цената се зголеми за 1,84 долари, на 87,67 долари за барел.

На двата пазари цените достигнаа највисоко ниво од 24 јуни и бележат раст петти ден по ред.

Аналитичарот на UBS, Џовани Стауново, оцени дека тензиите на Блискиот Исток и натаму се високи и оставаат простор за нови нарушувања во снабдувањето. Според него, намалениот извоз од регионот повторно го стеснува снабдувањето на глобалниот пазар на нафта.

Дополнително внимание предизвика и одлуката на Обединетите Арапски Емирати да ги суспендираат сите финансиски и економски трансакции со Иран до натамошно известување.

На пазарите се следи и состојбата во Ормускиот Теснец, низ кој пред почетокот на американско-израелскиот напад врз Иран на крајот од февруари дневно се транспортираше околу една петтина од светските испораки на нафта и течен природен гас. Според достапните податоци, сегашниот обем на транспорт е значително под нивото пред војната.

Американското Министерство за енергетика објави дека залихите на дестилирани горива, меѓу кои дизелот и мазутот, минатата недела се намалиле третпат по ред. Истовремено, комерцијалните залихи на сурова нафта неочекувано пораснале за 4,4 милиони барели.

Податоците на ОПЕК покажуваат дека цената на барел од кошницата на нафта на земјите-членки во средата изнесувала 91,27 долари, што е за 2,30 долари повеќе во однос на претходниот ден.