Убава вест за возачите: Ќе бадне ли дизелот под 100 денари?

По силното поскапување на горивата оваа недела, движењата на светските берзи сега даваат поинаков сигнал. Доколку до крајот на денешното тргување не дојде до ново нагло поскапување или геополитички шок, во понеделник би можело да има простор за намалување на цените на горивата во Македонија, а најголема корекција е можна кај дизелот.

Брент нафтата во петокот се движи околу 89 долари за барел и, според податоците наведени во анализата, е за околу 5,3 проценти поевтина во однос на минатиот петок. Американската WTI во истиот период бележи пад од околу 4,3 проценти.

За домашната цена на дизелот, сепак, уште поважно е движењето на европските котации на нафтените деривати.

Лондонските фјучерси за гасно масло, еден од релевантните показатели за европскиот дизел, од околу 1.125 долари за тон минатиот петок се спуштиле на приближно 1.066 долари. Тоа претставува пад од над пет проценти.

Кога ќе се споредат просечните дневни цени во текот на оваа и претходната работна недела, падот е околу два проценти. Токму просечните движења се поважни за пресметката на Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи одлуката не зависи од берзанската цена во само еден ден.

Минатиот понеделник ситуацијата беше спротивна. РКЕ утврди раст на референтната цена на дизелот од 4,842 проценти, по што Еуродизелот поскапе за 3,50 денари и достигна максимална цена од 101,50 денари за литар.

БС-95 поскапе за 1,50 денар и достигна 93 денари, додека БС-98 се продава по максимални 95 денари за литар.

Во прилог на можното поевтинување оди и курсот на американскиот долар. Во претходната пресметка РКЕ користеше просечен курс од 52,9935 денари за долар, додека оваа недела доларот главно се движи околу 52,6 до 52,8 денари.

Бидејќи меѓународните котации на нафтените деривати се изразени во долари, понискиот курс дополнително може да ја намали нивната вредност изразена во денари.

Според досегашните берзански движења, постои простор дизелот во понеделник да поевтини за приближно 1,5 до 2 денари за литар. Во такво сценарио, сегашната цена од 101,50 денари би се спуштила на околу 99,50 до 100 денари за литар.

Сепак, ова е само проценка врз основа на досегашните берзански показатели, а не официјална пресметка или одлука на РКЕ.

Кај бензините исто така има притисок за намалување на цените, но корекцијата не мора да биде иста како кај дизелот. Според сегашните показатели, можно е поумерено поевтинување од околу половина до еден денар за литар.

Конечната слика може да ја промени нова ескалација на Блискиот Исток, особено околу Иран и Ормутскиот Теснец, бидејќи пазарот на нафта и деривати останува исклучително чувствителен.

РКЕ редовната пресметка ја прави во понеделник, а новите цени стапуваат во сила во вторник во 00:01 часот. Според моменталните показатели, поголема е веројатноста следната корекција да биде надолу, особено кај дизелот, но точната цена ќе биде позната дури по официјалната одлука на Комисијата.