Словенечката полиција информира дека во моментот на несреќата во автомобилот имало пет лица, македонски државјани кои живееле во Италија – брачен пар, нивните деца и мајката на возачот. Семејството е од село Житинени, општина Центар Жупа
Деца на 4 и 11 години и 74-годишна жена се македонските државјани кои загинаа во сообраќајната несреќа што се случи вчера на автопат во Словенија – соопшти словенечката полиција.
Како што претходно беше објавено, несреќата се случила откако автомобилот удрил во приколка на камион, кој бил паркиран поради дефект.
Според првичните наоди на полицијата, несреќата се случила кога возачот на автомобил „ауди А4“ со италијански регистарски ознаки најпрво со десната страна од возилото удрил во заштитната ограда, а потоа силно се судрил со задниот лев дел од приколката на паркираното товарно возило.
Словенечката полиција информира дека во моментот на несреќата во автомобилот имало пет лица, сите државјани на Северна Македонија кои живееле во Италија – брачен пар, нивните деца и мајката на возачот. Возачот (39) и неговата сопруга (33) седеле на левата страна од возилото – тој не е повреден, а таа е пренесена и задржана во болница. Другите патници – 74-годишната жена и децата на возраст од 4 и 11 години, кои се наоѓале од десната страна на возилото, починале на самото место. Децата не биле врзани со безбедносни појаси, соопшти полицијата.
Македонските државјани се од село Житинени, Општина Центар Жупа. Информацијата ја потврди градоначалникот на општината Аријан Ибраим.
„Немам зборови со кои би ја искажал тагата од оваа страшна трагедија која ги потресе жителите на нашата општина. Семејството е по потекло од село Житинени, а живеат во Равена, Италија. Се молиме за закрепнување на другите две повредени лица“, изјави за МИА градоначалникот на Центар Жупа.


