Македонија вечерва загуби многу: Не напушти еден од најголемите интелектуалци кои ги произвела Македонија

Универзитетскиот професор и поранешен амбасадор Јован Донев почина денеска во Скопје. Имаше 71 година.

Во богатата академска, научна и дипломатска кариера, Донев беше посветен на истражувањето на македонската историја, меѓународните односи и геополитичките процеси поврзани со Македонија и Балканот.

Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во 1979 година. Магистрирал во 1986, а докторирал во 1993, посветувајќи значаен дел од својот научен интерес на меѓународните политички аспекти на македонското прашање.

Својата научна кариера ја градеше во Институтот за национална историја во Скопје, каде што достигна звање научен советник и редовен професор. Предавал и на повеќе високообразовни институции, меѓу кои Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје и Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Во периодот од 1999 до 2012 беше извршен директор на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“, а претходно бил и директор на Охридскиот летен универзитет. Во 1990-тите беше претседател и на Управниот одбор на Фондацијата Институт Отворено Општество Македонија, под покровителство на филантропот и финансиер Џорџ Сорос.

Донев беше амбасадор на Македонија во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, со седиште во Лондон, во периодот од 2013 до 2017. Во истиот период е акредитиран и како амбасадор во Ирска и Исланд, претставувајќи ја Македонија во важен период од нејзините меѓународни односи. Во 2017 година бил и член на Советот за безбедност на Република Македонија.

Донев е автор и коавтор на бројни научни трудови и публикации од областа на историјата, меѓународните односи и надворешната политика. Меѓу неговите позначајни дела се публикации посветени на Македонија во меѓународните договори, односите на големите сили кон Балканот и македонското прашање во периодот на Балканските војни.