Стигна предупредување за невреме во Македонија

Времето во текот на денешниот ден ќе се задржи претежно сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. 

Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, додека дневните температури ќе се движат во интервал од 30 до максимални 36 степени, по свежото утро каде минималните вредности се спуштија меѓу 8 и 19 степени. 

Во Скопје се очекува слично сценарио – сончево време со мала облачност, јужен ветер и максимална температура која исто така ќе се искачи до високи 36 степени.

Метеоролошката слика почнува драстично да се менува веќе во среда и четврток. Иако претпладневните часови ќе бидат претежно сончеви и топли, во попладневните часови атмосферата ќе стане екстремно нестабилна. Поради големата акумулација на топлинска енергија во воздухот, процесите на одредени места ќе добијат форма на класично невреме со интезивен пороен дожд, засилен олуен ветер и појава на град.

„Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Заради големата енергија во атмосферата локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и појава на град.“

Нестабилноста продолжува до крајот на седмицата

Овој бран на летна нестабилност нема брзо да ја напушти нашата територија. Според долгорочните синоптички најави, услови за локални поројни дождови, електрични празнења и засилување на ветерот ќе има сè до крајот на оваа работна недела и за време на викендот. Граѓаните, а особено земјоделците, се повикуваат на зголемена будност и преземање превентивни мерки поради ризикот од град и интензивни краткотрајни поројни дождови.