Нови детали: Уапсениот директор од Царина бегајќи удрил полицаец со колата, a ташната со пари…

Фото: Илустрација

Помошник-директорот на сектор во Царинската управа, кој завчера беше уапсен со пари кои ги примил како поткуп,

се обидел да бега на автопатот Скопје-Тетово и притоа удрил полицаец и полициски автомобил, а чантата во која му биле парите ја фрлил од прозорецот на автомобилот, соопшти МВР.

63-годишниот Џ.И. од тетовското село Шипковица ќе одговара за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.

Според МВР и Обвинителството, во периодот од април до септември, пријавениот во повеќе наврати побарал вкупно 17.500 евра од граѓанин кој го пријавил случајот.

„На 10 септември, на претходно договорена средба, пријавениот го примил побараниот износ од 17.500 евра, по што се упатил кон Тетово. Во близина на клучката Желино, полициски службеници се обиделе да го сопрат, но тој не застанал. Со возилото удрил полициски службеник и службено возило, по што се дал во бегство. Притоа, преку прозорецот од совозачката страна исфрлил машка ташна во која биле парите“, велат од МВР.