Падна цената на нафтата

Цената на нафтата денеска продолжи да се намалува на светските берзи, по трет последователен ден на пад. Пазарите реагираат на знаците дека дел од нарушувањата во снабдувањето од Блискиот Исток би можеле да бидат ублажени.

Цената на барел сурова нафта „брент“ се движи околу 104 долари, додека американскиот WTI е околу 101 долар за барел. Според најновите податоци, двата главни репери утринава бележат пад од околу еден процент.

На пониските цени влијаат информациите дека Саудиска Арабија работи на обновување на дел од капацитетот на оштетениот Источно-западен нафтовод, како и зголемувањето на испораките на сурова нафта преку Оман. Тоа ги намалува стравувањата од поголем недостиг на нафта на глобалниот пазар.

Сепак, пазарите и натаму внимателно ги следат случувањата на Блискиот Исток и движењето на танкерите низ Ормускиот Теснец, поради ризикот од нови нарушувања во снабдувањето.