Бранко Героски се прости од својот голем пријател: Беше лекар, кардиолог…благ, сочувствителен и пријатен човек

Денеска во Софија починал мој драг пријател.

Ивайло Неновски. Лекар, кардиолог.

Благ, сочувствителен и пријатен човек. Образован, широк и отворен, интелектуалец во вистинска смисла на зборот. Весел и духовит.

За таквите луѓе кај нас велиме – убав човек.

Го запознав крај Белото Море. Нашите мали островца во архипелагот на слободата и хедонизмот се едно до друго. Нашите први средби беа чиниш неизбежни, се препознаваме на прв поглед.

Се сеќавам на нашите прекрасни дружби со нашите заеднички пријатели, во таа наша мала беломорска колонија на љубовта и на надежта. Се сеќавам на нашите вечеринки, на долгите дебати за историјата и за сегашноста, за нему омилените “Јовано, Јованке” и “Калојан пирува”…

Бевме заедно во Пловдив и во Хисар, во Софија и на Рила. Правевме планови за заеднички патувања. Ова… не баш ова…можеби следното лето…

Ова лето стасав прв и сам во нашиот беломорски рај. За жал, заеднички пријатели ме известија дека нашиот драг Иваило е болен. Тогаш последен пат со него разменивме пораки. “Се борам”, ми напиша тој. Беше тоа штура порака на ранет човек, сосема свесен за исходот од таа битка.

Длабоко сочувство до семејството на Иваило Неновски. Нивната загуба е огромна.

На нас, неговите пријатели, останува обврската да го чуваме споменот на овој убав човек.

Сношти, можеби во последните мигови на неговиот прерано згаснат живот, со силна и бунтовна бура, од него се прости и нашето Бело Море.

Липсваш ни, скъпи Ивайло.

Фејсбук пост на новинарот Бранко Героски.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде