Пред несреќата Тоше ја прашал Лилја: „Дали ти сонуваше нешто?“ – дел од интервјуто на менаџерката дадено за хрватската Нова

Менаџерката на Тоше Проевски првото интервју по неговото загинување го даде за хрватската телевизија “Нова”. Тое беше емитувано во саботата, на 40-те дена од смртта на Тоше.Пренесуваме делови од интервјуто.

– На што се сеќавате од тоа кобно утро во рани зори кога се случи несреќата?

Љ: Прво јас имав еден проблем, можеби тоа е само посесивност или само верба во себе, значи јас и Тоше пет години патувавме сами. Јас единствено си верував себеси и му верував нему. Не сакаше професионален возач бидејќи не се чувствуваше пријатно, не можеше да зборува, да се однесува нормално, зашто сето тоа секогаш се прераскажувало, така што тоа за него беше апсолутно невозможно. Се сеќавам, влегов во автомобилот и ми зборуваше за интервјуто, бидејќи јас не бев тука за неговото последно интервју, со него беше Симона, ми го раскажуваше интервјуто. (Мисли на интервјуто на “Вртелешка” н.з.)Не ми кажа дека во интервјуто рекол оти јас сум неговата втора мајка.

Тоа го слушнав после се што се случи. Не можам да ја гледам таа емисија, не сум ја гледала до денес. Главно разговаравме за тоа, кога во еден момент ми се сврте и ме праша: “Дали ти сонуваше нешто?”. Тоа ми беше многу чудно, ама му реков дека ништо не сум сонувала. Застанавме на бензинска пумпа, Ѓорѓи ми побара пари за бензин. Тој отиде и ми текна дека заборавив да му кажам да купи кафе. Го чув Тоше кога рече: “Јас не сакам кафе, ќе продолжам да спијам”. Ѓоле дојде, ми даде кафе, јас го отворив прозорецот, запалив цигара. Тој го испи неговото кафе цело, го прашав дали е уморен, да го заменам. Тој ми одговори: “Не, сосема сум во ред, се чувствувам добро”. Спиев, но во полусон ми беше страв да не го удрам Тоше, видов дека спие. И тогаш го слушнав ударот. Значи сето останато веројатно веќе го знаете. И тогаш се урна целиот мој свет. И сега веќе не е важно ништо.

– Уште многу работи ве очекуваат. Од работата на незавршениот албум на Тоше, до средување на заедничките работи за кои само вие двајцата знаевте. Многу луѓе во изминативе денови се јавуваа и ве прозиваа. Можете ли накратко да го прокоментирате тоа?

Љ: Јас и донекаде го разбирам тоа. Прво, луѓето кои чувствуваат некоја вина, посебно медиумите, кога се работи за нас, гледаат таа своја вина што побрзо да ја префрлат на некој друг. Јас не префрлам никому ништо. Значи, се она што се случи се обидувам да го разберам на некој начин. Што се однесува на работата која ја имавме со Тоше, имавме навистина чиста работа, така што тука нема што да се довршува или завршува.

– Во јавноста излезе и договорот кој вие сте го потпишале од името на Тоше за пречек на Нова година во Будва? Наводно, сте зеле аванс од 45 илјади евра. А сега се појавија шпекулации дека тие пари нема да бидат вратени. Како го коментирате тоа?

Љ: Како прво, договорот беше 50 илјади, со тоа што тие имаа обврска да платат 4.900 евра за данок во Црна Гора за да можеме ние да ги користиме парите без дополнителни обврски во која било земја. И бевме многу среќни што постигнавме нето-цифра од 45 илјади евра. Договорот е легален и ја има согласноста на Тоше. Тоа не се мои пари, тоа се пари на Тоше, на бендот, мои и за патни трошоци, значи уредно платен данок, можевме парите да ги префрлиме каде што сакаме, без никаква обврска кон Македонија, бидејќи парите не ги заработивме во Македонија и данокот го плативме во државата каде што ги заработивме парите. Не знам зошто луѓето не се среќни дека Тоше постигнал такво ниво да може да заработува. Значи, една работа, морално и материјално, ја гарантирам. Тоа е дека ниту јас ниту Тоше некогаш сме затајувале данок.

– Од каде тогаш сите оние документи кои излегоа во медиумите дека должите илјадници евра данок и оти имало некакво затајувале на данок. Што е тоа?

Љ: Вака ќе ви кажам. Тоше е единствениот пејач на светот за кого моравме сами да ја плаќаме Евровизијата. Таа Евровизија направи големи загуби во фирмата.Нормално и пиратеријата во изминатите 5 години го направи своето, а заштита немавме од никаде. Во еден момент фирмата влезе во криза, нормално и со пријавување данок, и замоливме данокот да го плаќаме на рати.

– Многу се пишуваше за вашиот однос со Тоше. Некои зборуваа дека сте му втора мајка, најдобар пријател и животен сопатник. Други луѓе кажуваа дека сте го искористувале. Мене ме интересира, вие да ми кажете каков однос имавте со својот штитеник?

Љ: Јас, како што знаете, сум единица, немам ни брат ни сестра, не сум мажена и немам деца, бидејќи не можев да имам деца, па така Тоше се појави во мојот живот кога имав преголеми емоции или чувствував огромна празнина, која тој ја пополни, и тоа ми беше Божји дар. Јас не се разбирав во музика, значи тешко е да се успее во тој бизнис ако не ја разбираш таа работа, но е многу лесно да се успее ако се работи со љубов, ако имаш цел и една голема желба. Веројатно луѓето поаѓаат од себе. Ние сме чуден тип на луѓе, поаѓаме од себе, што би направиле ние во тој момент. Значи, сите заклучоци кои доаѓаат, доаѓаат од луѓе што во тој момент, најверојатно, би постапиле обратно од мене. Јас секогаш ги разбирам, но никогаш не сум барала луѓето да ме разберат мене. Мојот живот беше исполнет, мојот живот беше Тоше Проески. Ако сфаќаат колку Тоше беше популарен во другите земји и колкав беше тој притисок, јас морав да се борам и да го заштитам од сето тоа.

– Какви ви беа односите со семејството на Тоше?

Љ: Многу, многу коректни. Тоше изгради еден однос, што значи ниту тие се впуштаа во нашата работа ниту, пак, јас се впуштав во нивниот приватен живот. Затоа што Тоше негуваше огромна љубов кон своето семејство. Значи, ако ти кажам колку тој ги сакаше нив и колку тие го сакаа него, верувам дека цела Македонија не се сакала колку што се сакаа тие.

-Мораме да кажеме дека се околу кариерата на Тоше сте правеле вие сама, што се однесува на договори, преговори?

Љ: Да исклучително сама работев, но пред една година се откажав од целата кариера на Тоше на Балканот, значи сите дела кои ги работевме, сите цедиња, сите балкански спонзорства ги префрлив на друга фирма, да можат тие да вложуваат во неговата светска кариера.

-Значи, од каде се сите овие приказни. Се прашувам дали постои некој круг луѓе кои, очигледно, имаат нешто против вас?

Љ: Против мене беа уште од првиот ден кога дојдов тука, бидејќи јас сум странец, како што знаете, не сум од Македонија. Друго, тешко беше да се поднесе дека некој од страна може да направи такво нешто, дури ни самиот македонски народ не беше свесен колку е голем Тоше. Толку малку внимание му беше посветено, што не беа ни свесни што се тој работи и колку е голем. А друго, што мислиш, зошто Тоше на неговиот концерт рече дека песната “Цреша” му е најомилена и автобиографска? “Што е тоа во луѓето тажно да живеат во животи туѓи, кој во моето минато плови сосем мирно и без да се срами…” *** Тоше немаше намера да се жени Во врска со односот на Тоше со ракометарката Андријана Будимир, еве што рече неговата менаџерка во интервјуто за хрватската ТВ “Нова”

– Два-три дена по смртта на Тоше, во јавноста се огласи неговата девојка Андријана Будимир, дотогаш непозната на јавноста, и се претстави како негова девојка. Што можете да кажете за таа девојка?

Љ: Можам да кажам дека Андријана и Тоше беа во врска од април, мај 2002 до 2003 година, кога таа замина да игра за “Подравка” и врската се растури.

– Дали вие ја одобрувавте врската на Андријана и Тоше?

Љ: Да, ја одобрував нивната врска – Иако таа денес во медиумите зборува нешто друго Љ: Веројатно од причина да не кажам јас нешто друго. Андријана се појави во април годинава, по заминувањето во Шпанија, во некој клуб каде што отиде од причини кои самата ќе ви ги каже. Сакаше да игра за “Кометал” во Скопје и Тоше чувствуваше обврска, колку што знам, да и помогне. Тоа што мене ми беше важно, е дека на прашањето дали Тоше сакаше да се врзува за некого, да има долга врска или сериозна врска, ми рече дека планира да се посвети на неговата светска кариера и оти нема намера ниту да се жени ниту да живее со кого било.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде