Младата Ивона Антова од Кочани е една од 59-те настрадани жртви во пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“.
По страшната несреќа семејството и блиските на Ивона откако слушнаа за пожарот, со часови ја бараа, но безуспешно.
Тие тогаш споделуваа апели и на социјалните мрежи, бараа било каква информација за неа, но на крајот стигнаа најлошите вести.
Имено, Ивона беше една од невините жртви кои не успеаја да се спасат и чии животи прерано згаснаа во страшната несреќа.
На социјалните мрежи се огласија и родителите на Ивона, кои во знак на тага објавија црни фотографии, но и тажни пораки.
Нема разделба… Има љубов и бескрајна тага.
„Кобната смрт, надежите ги стопи, Деновите ни се тажни и горчливи, не разгорува безмилосна тага. За живот полн со смисла и содржина, за срце полно со љубов за секого, за прекрасна личност – нема да има заборав“, пишува во некрологот со кој најблиските се збогуваа од 21-годишната Ивона.
Мајката на Ивона сподели и неколку фотографии во сеќавање на својата ќерка, со порака што расплака многумина.
„Нашата единствена ќерка, убавица на мама и тато, нашето мило чедо, ни го земаа од раце, и не оставија со празно срце, празна душа, празна куќа, празен живот.. непребол“, пишува во пораката објавена на „Threads“.