Ако избеганиот поранешен премиер Никола Груевски се врати од Будимпешта во Македонија, ќе оди в затвор, рече денеска премиерот Христијан Мицскоски. Тој ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање дали очекува Груевски да се врати во земјава по победата на опозиционерот Петер Маѓар на изборите во Унгарија и неговата најава дека и македонскиот експремиер, меѓу другите избегани странски политичари што добија азил во Унгарија, ќе биде екстрадиран.
Двегодишната затворска казна на Груевски изречена во септември 2018 за случајот „Тенк“ му застаре во октомври 2024. Последен пат македонското Министерство за правда побарало екстрадиција за Груевски во 2019, за сите случаи за кои се водеа против него и за кои беше распишана меѓународна потерница. Груевски се бара и за „Титаник“, за „Плацевите на Водно“, „Талир 1“ и „Талир 2“.
„Јас немам никави очекување, но доколку се појави во Македонија, тој има правосилна пресуда и тој веднаш откако ќе се појави нормално, органите на редот ќе го обезбедат и ќе го упатат на отслужување на затворска казна којашто е согласно правосилна одлука.
Ние сме Влада за којашто сите закони важат и Влада којашто мора да ги почитува законите и институциите во државата, а нормално секое лице има право да ги користи институциите, да ги користи своите права, да поднесува потоа жалби.
Но ние како Влада имаме пред нас правосилна пресуда со којашто лицето за коешто вие зборувате сега е упатено на отслужување на затворска казна. А дали ќе се врати и кога ќе се врати, јас немам такви очекувања“, рече Мицкоски на настан во Царинската управа.

