Светските енергетски пазари денес реагираа со нагло намалување на цените на нафтата, откако суровата нафта „Брент“ падна на околу 88 долари за барел. Станува збор за дневен пад од приближно 12%, што претставува едно од посилните поместувања во последниот период.
Причина за ваквата промена е најавата од Иран дека Ормускиот теснец е повторно отворен за нормален комерцијален поморски сообраќај. Теснецот, кој во претходните денови беше под зголемени тензии и неизвесност, е еден од најважните глобални енергетски правци.
Овој морски коридор е стратешки значаен бидејќи низ него минува околу 20% од светските испораки на нафта и течен природен гас. Секоја нестабилност во регионот директно се одразува врз глобалните цени на енергенсите.
По објавата, пазарите реагираа веднаш. Според меѓународните извештаи, американските берзански индекси забележаа раст во раното тргување, додека европските берзи исто така се движеле во позитивна насока.
Во Македонија, доколку трендот на поевтинување продолжи во наредните денови, постои можност за намалување на цените на горивата при следната корекција што ја прави Регулаторната комисија за енергетика.

